Ревизија
Ревизијата е дефинирана во Законот за ревизија (Закон) според кој претставува независно испитување на финансиските извештаи или консолидираните извештаи и на финансиските информации, со цел да се изрази мислење во врска со нивната виситинитост и непристрасност и нивната усогласеност со прифатената рамка за финансиско известување.
Кој може да врши ревизија?
Согласно Законот за ревизија, истата може да ја вршат друштво за ревизија или овластен ревизор - трговец поединец под услови и на начин утврдени со Законот за ревизија и Законот за трговски друштва.
Секое друштво за ревизија или овластен ревизор - трговец поединец за да може да ја обавува својата дејност ревизија, мора да има добиено дозвола за работа која што ја издава Министерството за финансии на Република Македонија или согласно најновиот Закон Советот за унапредување на ревизијата. Сите друштва во Република Македонија кои имаат добиено ваква дозвола се објавени на веб страната на Советот за унапредување и надзор на ревизијата (СУНР). Кој има обврска за ревизија на своите финансиски извештаи?
Согласно член 478 од Законот за трговски друштва (ЗТД) под ревизија се подведуваат следните трговци:
- големи и средни трговци* организирани како акционерски друштва;
- друштва чии хартии од вредност котираат на берза и
- големи и средни трговци организирани како друштва со ограничена одговорност.
*) средни трговци се трговци кои во последните две пресметковни години, односно во првата година од работењето ги задоволил најмалку два од можните три следни критериуми, и тоа:
- просечен број на вработените врз основа на часови на работа да е до 250 работници;
- годишниот приход да е поголем од 2.000.000 Евра и помал од 10.000.000 Евра во денарска противвредност или
- просечната вредност (на почетокот и на крајот на пресметковната година) на вкупните средства (во активата) да е поголема од 2.000.000 Евра и помала од 11.000.000 Евра во денарска противвредност
*) големи трговци се сите кои не се распоредени како микро, мали или средни, односно со критериуми над оние за средни трговци.
Ревизијата на финансиските извештаи на друштвата мора да биде извршена најдоцна еден месец пред одржување на собирот на содружници, односно на собранието на акционери.
Сите трговци (друштва) кои имаат обврска за ревизија се должни согласно ЗТД, најдоцна 30 дена од денот на одобрување на финансиските извештаи, но не подоцна од 30 Јуни, истите заедно со Извештајот на независниот ревизор да ги достават до Централниот регистар на РМ. Во спротивно, постојат казнени одредби, како парични за друштвото и одговрното лице во друштвото, така и мерка на безбедност забарана за вршење на дејност во траење од три месеци до една година.